Подрачјето на Лоњското поле го штити Рамсарската конвенција од 1993.година. Се протега на 50.650 хектари и се работи за најголемо заштитено мочурливо подрачје и комплекси на низински шуми на целиот дунавски слив. Се наоѓа во долината на реката Сава, помеѓу градовите Сисак и Стара Градишка, а се состои од три полиња: Лоњско, Мокро и Поганово кои имаат непроценива биолошка и пејзажна вредност. Што се однесува до вегетациската разновидност, скоро 70 насто на паркот на природата Лоњско поле, покриено е со низински шуми. Важно е да се истакне еден специфичен вид за ова подрачје, а тоа е славонскиот даб. Животинскиот свет е исто така разновиден. Лоњското поле е важно живеалиште за птиците, меѓу кои се наоѓаат и загрозените видови степскиот сокол (Falco cherrug) и патката њорка. (Aythya nyroca). Бидејќи во Паркот постојат и населби, можете да сретнете и домашни животни, претежно свињи и говеда. Кога поплавите се повлекуваат, селаните ја пуштаат стоката на пасиште. Се работи за традициско пасење каде повеќе видови на стока се водат на пасење заедно, а ова поле е единствено место во Европа каде ваков вид на одгледување на стока се сочувал. Секако посетете го селото Крапје, единственото хрватско село со статусот на Село на градителско наследство, каде традиционално се обележува Денот на европското наследство. Интересно е и селото Чигоч, така наречено Европско село на штркови. Уживајте во откривањето на локалната архитектура, окарактеризирана со традиционална градба од дрво на даб. Цените на влезниците варираат од околу 5.5 евра за дневна карта до 33.5 евра за посебни програми, за возрасни. Карта за повеќе дена –(од 2 до 5), за возрасни кошта околу 8 евра. Влезниците за ученици, студенти, пензионери, инвалиди и членови на ХПД се од 4.5 евра за дневна карта и 33.5 евра за посебни програми. Ваков вид на карта за повеќе дена кошта 6 евра. За деца помали од 7 години влезот е бесплатен.Сите организирани посети треба да се најават. Паркот е отворен за посетители од април до октомври, од 9 до 17 часот. Повеќе информации побарајте на интернетската страница на Паркот на природата Лоњско поле.

photo: PP Lonjsko polje