Третина од подрачјето на островот Мљет е прогласена за национален парк во 1960-тата година.Oпфаќа околу 5400 хектари, вклучувајќи ги и морските подрачја 500 метри од крајбрежјето, островчињата и карпите.Најистакнатите локации на ова подрачје, воедно и важен геолошки и океанографски феномен, се Големото и Малото солено езеро.Целата површина на Паркот изнимно е богата со разновидни видови на растенија и животни. Националниот парк Мљет нема да ги разочара ниту љубителите на културното наследство, кои можат да ги истражуваат неговите бројни археолошки локации и стари местенца на островот. Најпосетената локација е Бенедиктинскиот манастир, сместен на островчето Света Марија, на Големото езеро. Паркот привлекува луѓе со различни афинитети, кои можат да уживаат откривајќи ги плажите и морските пештери, но и во активностите како што е традиционалната меѓународна триатлонска трка Мљет Half Ironman. Во Националниот парк постојат и велосипедски и пешачки патеки. Можно е да се изнајмат кануи, кајаци и велосипеди, да се занимава со гњурење, а блиску до хотелот, можат да се изнајмат мотори, коли и даски за едрење. Околу Големото и Малото езеро постојат идеални патеки за трчање. Во Националниот парк постојат песочни, камени и бетонски плажи, а најсоодветната плажа за деца се наоѓа кај Малиот мост. Посетувањето на Националниот парк Мљет е посебно и единствено искуство за секој љубител на природа, култура, стари обичаи и медитерански воздух. До островот Мљет лесно можете да пристигнете со катамаранската линија од Дубровник, потоа со траект од местото Папратни на островот Пељешец, па до местото Собра. Патувањето до Националниот парк Мљет е можно и со бродска линија од Дубровник и Пељешец, како и со бројни екскурзиски бродови од Корчула, Хвар и Сплит.
Во периодите помеѓу 01.01. и 14.06. и 16.09. и 31.12., влезниците за возрасни коштаат 9 евра, за пензионери, деца од 7 до 18 години и студенти околу 4 евра, а за деца помали од 7 години влезот е бесплатен. Што се однесува до летната сезона, од 15.06. до 15.09., влезниците за возрасни коштаат околу 10 евра, за деца од 7 до 18 години, пензионери и студенти околу 5 евра, а за деца помали од 7 години останува бесплатно. Националниот парк е отворен за посетители секој ден, од 8 до 20 часот.

photo: HTZ, NP Mljet, TZ općine Mljet; video: HTZ