Златни рат е нajпознатата плажа на Јадранот, во Хрватска. Се наоѓа во местото Бол, на островот Брач. Бол се наоѓа на јужната страна на островот, 40 km одалечен од Супетар во кој пристанува траект од Сплит. Златни рат е единствена плажа, р'т долг околу 1.000 метри, направен од ситни камчиња кои морските струи ги иситниле и обликувале. Плажата е туристичка атракција и опкружена е со туристички содржини. Во близина се наоѓаат хотелски бунгалови, а малку подалеку и приватни куќи и апартмани за издавање. Внатрешноста на плажата е борова шума со природна ладовина. На влезот во плажата постои голем паркинг на кој се плаќа дневна карта. Oд средината на Бол, до плажата, постои шеталиште низ боровата шума, а прошетката трае 15-20 минути. Исто така, постои и туристички воз што ги вози гостите на плажа по заобиколен пат. Иако и на самиот Бол постојат плажи, повеќето гости се капат или на Златни рат или на плажите на соседното село Мурвице. Златни рат е познато место за сурфање на даска (windsurfing), a застапени се и останатите спортови на вода. Плажата ги поседува апсолутно сите содржини: ресторани, барови, спортови на вода, наем на разна спортска опрема, киосци, лежалки, чадори за сонце, масажа итн. На еден дел од плажата се капат и нудисти. Цените на плажата се околу 30% поголеми отколку на останатите места, но посебните места секаде во светот имаат и повисоки цени.

photo: TZ grada Paga, TZ grada Novalje